Кораб

Алпската планина Кораб која брои повеќе од 52 врва високи над две илјади метри во своите широки прегратки го сокрива и највисокиот врв Голем Кораб (2.764 м) во Македонија. Барем засега официјалните податоци за височината на врвот покажуваат висина од 2.764 м. Во летото 1996 год. беше извршено прецизно сателитско мерење со кое се утврди нова височина на врвот од 2.864 м или точно 100 метри повеќе од досегашната. Но, дали таа висина е прифатена? Ако е така, тогаш врвот Кораб е највисокиот врв во поранешна Југославија, за еден метар повисок од досегашниот официјален највисок врв на Јулските Алпи во Словенија - Триглав.

Преку Тетово и Маврово, околу два часа возење со автомобил ќе стигнете до стартното место, а до врвот по исклучиво планинарска патека која ни одблизу не е лесна, а отприлика ќе ви бидат потребни некои 4-5 часа. Многу мал дел води низ шума, а скоро целиот пат е гол, опколен со алпски пасишта. Незаменливо е чувството што и покрај напорот и заморот кој ќе го чувствувате, секој миг искористен да земете здив е бесценет. Душата ќе биде исполнета гледајќи во сите прекраснотии што ги крие оваа наша убавица. Особено задоволство ќе ви причини погледот кон Рибничка скала и Кабаш од левата страна кои се доста голем предизвик и залак особено за оние поавантуристички настроените и екстремните планинари.

Иако традиционалното искачување на Голем Кораб се одвива обично на почетокот на месец септември, ние би ви препорачале да го искачите и малку подоцна и верувајте дека ќе имате чувство како да се качувате на сосема друга планина. Интересно е тоа што додека се искачувате кон врвот не можете да го видите. Но, веќе кога ќе поминете повеќе од пола пат напорно пешачење ќе го здогледате врвот на помалку од 40-тина минути кој е вистински рај за очи и душа, а кога ќе стапнете со двете нозе горе ќе се чувствувате семоќно.

Во последното село Нистрово, под врвот Мал Кораб сместен е највисокиот водопад Профелејски водопад (138 м) на Длабока Река, но за жал во одреден период од годината е активен. Затоа најпогоден период за посета е во месец мај и јуни бидејќи подоцна во текот на летото пресушува.

На македонскиот дел на Кораб има осум постојани езера меѓу кое е најголемото Корабско езеро кое се наоѓа непосредно под врвот Кораб на 2.740 м. Подолу на надморска висина од 2.310 м се наоѓа езерото Мал Кораб. Ниту во едно од двете езера нема живот.

Општи информации

  • Највисок врв: Голем Кораб (2764 мнв.)
  • Патеки до врв: од караула Победа

Мапа

Погледнете ја поставената галерија онлајн на:
http://www.tourguide.mk/istrazi/planini/nad-2500-mnv/korab#sigProGalleria1849f04456

Видео

Facebook

Времето денес

Настани

Партнери


Социјални мрежи

Оди најгоре