Јабланица

На западната граница на Македонија со Албанија е сместена планината Јабланица, поделена отприликa на половина меѓу двете држави.

На север таа граничи со планината Радук односно изворот и реката Лакавица, а на југ се протега до Охридското езеро. Изобилува со извори и реки, од кои посебно се познати Вевчанските извори. Во прегратките на планината се сокриени и неколку глечерски езера: Вевчанско, Подгорско, Горно и Долно Лабунишко езеро. Шумските предели завршуваат на околу 1800 мнв.

Највисок врв е врвот Црн Камен со висина од 2257 метри, од кадешто ви се отвора неверојатен поглед кон Охридското езеро. Најпогоден пат за искачување до највисокиот врв е од селото Вевчани, кое се наоѓа на 900 метри надморска висина. Не постои точно маркиран пат, па затоа е најдобро да се оди со водич. До селото се стигнува со локален автобус од Струга кој го има скоро на секој час, но сепак пред да се одлучите да тргнете информирајте се за распоредот. Искачувањето може да се изведе во еден ден во двата правци и тоа преку Вевчанското езеро. Искачувањето започнува југозападно нагоре по излезот од селото, потоа се влегува во мешана шума и се движи покрај реката Матица. Се поминува една прекрасна полјана со папрат и повторно влегувате во букова шума и минувате покрај мало бачило, од кое лево низ шумата ќе излезете на поголема полјана со големо бачило на околу 1650 мнв. Од бачилото се продолжува на југ и потоа се излегува од шумата и можете јасно да го видите врвот „Црн камен“ и да уживате во оваа неверојатна глетка.

Откако ќе излезете од шумата се поминува покрај Вевчанското езеро (1950 мнв). Ако сакате да стигнете од Вевчани до езерото ќе ви бидат потребни околу 3 часа. Езерото се поминува од левата страна и потоа ќе завртите десно према седлото под Црн камен. Пред седлото се доаѓа на патека која води се до врвот. Вкупното време за искачување на врвот од с. Вевчани е отприлика 3,5-4 часа.

Другата патека која води до Црн камен е од село Горна Белица. До селото се стигнува малку потешко бидејќи нема редовен превоз до него. Пред да решите да ја посетите оваа волшебна планина ќе треба да се обратите во Министерството за внатрешни работи и да побарате дозвола за искачување.

Општи информации

  • Највисок врв: Црн Камен (2257 мнв.)
  • Патеки до врв: од с. Вевчани

Планинарски домови (сите)

Мапа

Facebook

Времето денес

Настани

Партнери


Социјални мрежи

Оди најгоре