Крушево

Заскриен од ветришта, лоши погледи, длабоко впиен под пазувите на Бушева планина мирно си почива планинскиот град Крушево (1.350 мнв) вброен како еден од највисоките градови на Балканот. Она што особено ќе ве освои кога ќе се најдете таму се необичните тесни улички, поплочени со камен и калдрма, а традицијата на домаќинките која датира со години, плетејќи и везејќи пердиња ќе ве врати назад во некое време. Сето тоа споено со ретките и незаборавни вкусови на познатите слатки целувки и крушевскиот локум, се нераскинлив дел од традицијата, обичаите и културното наследство на ова поднебје.

Првиот допир со градот Крушево е поврзувањето со убавините на старите крушевски куќи кои се вистински уметнички дела. Во нив се споени архитектонската меморија на москополските Власи и градителското искуство на македонските Мијаци создавајќи обележје на нашето традиционално градителство.

Целиот град е обколен во букова и дабова шума кои го прават Крушево да биде особено привлечен, дополнувајќи го пејсажот кој просто ве остава без здив. Во зимскиот период условите се одлични за развој на зимски туризам со што Крушево особено се гордее. Во непосредна близина на градот постоат скијачки терени за алпско скијање во должина од 1,2 км, патеки за нордиско скијање и бијатлон со должина од 4,5 км. Жичницата која тргнува од центарот на градот и двата ски-лифта на самите терени се во одлична состојба и љубителите на скијањето можат вистински да уживаат пуштајќи се од највисоката точка. Освен скијачките терени градот нуди и одлична можност за страсните велосипедисти да уживаат во патеките за планински велосипедизам во должина од 6 км, како и оние кои сакаат да испробаат и други спортови како одбојка, фудбал и кошарка на терените кои се наменети спцијално за нив. Во непосредна близина се наоѓа и Мечкин Камен, покрај спомен обележјето, ова место претставува рај за љубителите на воздушните спортови, параглајдингот и змајарството. Ова место е едно од поатрактивните летачки терени во Европа.

Но, доколку се најдете во овој град не смеете да си дозволите да не ја посетите спомен куќата посветена на нашата најголема ѕвезда која за жал прерано го изгуби својот живот, Тоше Проески, а беше роден токму во овој магичен град во кој вечно ќе чука неговото срце. Можеби за миг ќе ја почувствувате незаменливата топлина и љубов која Тоше ја даруваше несебично на секого, и ќе сфатите дека тој сеуште живее длабоко во нашите срца и души.

Општи информации

  • Површина: 190.68 km² (118.48 mi²)
  • Популација: 9,684 жители
  • Надморска височина: 1350 m
  • Поштенски код: 7550
  • Позивен број: +389 (0)48
  • Координати: 41°22′N 21°14′E

Мапа

Facebook

Времето денес

Настани

Партнери


Социјални мрежи

Оди најгоре