Гари

Возејќи се по патот Маврово - Дебар, поминувајќи го живописниот Кањон Радика, од левата страна на патот кон Дебар се распостилаат фантастичните украси на малореканскиот крај, познатите мијачки села. Сокриено длабоко во прегратките на неверојатните планински масиви, пред видик ќе ви се појави една прекрасна панорамска глетка на амфитеатрална населба - Гари.

Денес, селото Гари брои околу 180 куќи и десетина постари жители. Оддамна е напуштено, а некогашните жители тука доаѓаат исклучиво за да го поминат викендот, отргнувајќи се од секојдневната бучава која е неизбежна по градовите. Некои од куќите се реновирани во познатиот охридско-крушевски стил на градење. Сите куќи се наредени така да од било која страна и да ги погледнете, потсетуваат на распоредот на старите амфитеатри. Покрај селото извира Гарска или Мала Река, која подолу се влева во Голема Река или Радика. Изворите заспиваат на плеќите на највисокиот врв Стогово (2.273 метри н.в.). До двата Гарски водопади се стигнува прилично тешко поради патот кој води до таму, а е стрмен. На неколку метри од водопадите се надѕира една карпа, која меѓу народот е позната како Високи Камен.

Овдешните жители го празнуваат големиот празник Голема Богородица на 28 август, кој традиционално секоја година се одбележува со зурли и тапани кои го највуваат пристигнувањето на гостите. Точно два дена и две ноќи се играат ора среде село, а рано изутрина се оди во црквата „Св. Богородица“. Токму од овие краишта потекнува и познатото оро „Тешкото“, посветено на тешкиот живот на луѓето од овој крај кои морале да заминат на печалба. Подоцна станува и обележје на тешкиот живот на сите Македонци.

Општи информации

  • Популација: 10 жители
  • Надморска височина: 1100m
  • Општина: Дебар
  • Координати: 41°30′02″N, 20°40′58″E

Мапа

Facebook

Времето денес

Настани

Партнери


Социјални мрежи

Оди најгоре