Гевгелија

Гевгелија, град или мало срдечно населбиче?!

Шала на страна, гевгеличани не заслужуваат ваков ремет. Сепак е тоа градче со срдечни и гостопримливи луѓе. Исто како и другите градови, и гевгеличани си имаат свои приказни и легенди за местото каде живеат. Гостопримливоста е причината и изворот од кој доаѓа легендата за името на Гевгелија и за нејзиниот народ, кога некој си дервиш решил да не си заминува од Гевгелија оти му се заарнило. А тогаш гевгеличани биле потерсене па веројатно не им се допаѓало дервиш да им седи во градот и зеле да го бркаат. Дервишот почнал дервишки да ги колне поради тоа и овие уплашени решиле да го викнат назад на турски, му викале „гел-гери, гел-гери“ за да се врати.

Сакате верувајте, сакате не верувајте во легендата, ама гевгеличани си ја негуваат како аманет од постарите дека треба да бидат гостопримливи кон странците и гостите.

Убаво местенце е Гевгелија. Не е некое ново вчерашно градче... си постои уште од времето на римјаните па и пред тоа, 4 век пред нашата ера. Секако тогаш не бил град. Официјално за град е прогласен во 1886. Отсекогаш Гевгелија била точка која се наоѓала на патот кон Егејското море или кон Блискиот исток, а посебно за време на Отоманците кога владееле на Балканот. Отсекогаш била клучен правец за движењето на народите од сите историски епохи. Таа положба е причината зошто денес Гевгелија е полна со казина и евтини опции за странците што поминуваат кон Грција, или, пак, за Грците, кои не ги чини ништо да дојдат и да си испазарат што сакаат во Македонија, поточно Гевгелија. Заради казината и рутата што ја опфаќа Гевгелија, има и полно хотели, или поточно хотелски комплекси. Па и на времето, а зборувам за 19. век, Гевгелија била полна со анови за минувачите.

Во Гевгелија постојат интересни археолошки локалитети за посетување. Секако целата наша земја Македонија е интересно парче, кое би им било задоволство да го прекопаат археолозите, но индивидуалната приказна на секое гратче е она вистинско задоволство. Со тоа што Гевгелија постоела со векови наназад, токму и Гевгелија го нуди тоа задоволство за истражување.

Ви го препорачуваме и туристичкиот локалитет на планината што се наоѓа на 24 километри од Гевгелија, а тоа е Кожув, каде на 850 метри надморска височина можете да ја пробате природната минерална вода и која до сеа им има помогнато на многу кутри луѓе со проблеми во желудникот и со бубрезите. Во овој предел има над 400 викендички и хотел во кои може да ве сместиме.

На 4 километри од Гевгелија би сакале да ве однесеме до еден многу познат туристички и рекреативен центар, познат за нашиот народ, и за сите оние што се осмелиле да не посетат. Центарот се вика Негорски бањи. Тоа е всушност бања чија вода се користи за лекување на ревматични заболувања, стерилитет, заболувања во стомакот или на срцето па и целиот кардио-васкуларен систем, за воспаленија, за кожата и што не, набројте што сакате. Да... меѓутоа најубавиот момент е тоа што бањата е опкружена со прекрасна шума, која нуди блага клима па дури и на зима. И тука можеме да ви понудиме сместување.

Уште нешто само... Гевгелија нуди и ски-центар. Да!? Сите вие скијачи и сноубордери, или пак само љубители на снег и кафе додека сите останати околу вас се забавуваат на снегот, можете да стекнете прекрасен помин на ски-центарот Кожув.

Повеќе не ви кажувам ништо, ќе оставам да ве закопка овој наш текст, и да си замислите што можеби пропуштате додека се мислите дали да не посетите.

Општи информации

  • Површина: 317 km²
  • Популација: 15 685 жители
  • Надморска височина: 64 m
  • Поштенски код: 1480
  • Позивен број: +389 (0)34
  • Координати: 41°8'21"N, 22°30'9"E

Мапа

Facebook

Времето денес

Настани

Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1
2
3
4
5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Партнери


Социјални мрежи

Оди најгоре