БлогДостигнувања13 годишен битолчанец искачи 24 врва без професионална планинарска опрема

13 годишен битолчанец искачи 24 врва без професионална планинарска опрема

14 Јануари 2018
13 годишен битолчанец искачи 24 врва без професионална планинарска опрема

Еден од најнадежните млади битолски планинари, 13-годишниот Антониј Трајчевски, минатата година освои дванаесет планински врвови, притоа искачувајќи се без соодветна планинарска опрема. Во зимски услови, движејќи се по снег и мраз, го искачи највисокиот врв на Балканот Мусала на планината Рила во Бугарија, на 2.925 метри надморска височина, без дерези – додаток на чизми за движење по лизгава површина. Потоа, следуваа Титов Врв (2.747 мнв) на Шaр Планина, Солунска Глава (2.540 мнв) на Јакупица, Кајмакчалан (2.520 мнв) на Ниџе, Црн Камен (2.257 мнв) на Јабланица и други. Во изминатите три години откако планинари, освоил повеќе од 24 врвови со висина над 2.000 метри.

„Ја имаме онаа основната опрема, чевли, пантолони, блузи, ветровки, меѓутоа понаменска и попрофесионална опрема за сериозни качувања кај нас е тешко да се набави бидејќи ја нема. Во странство ја има, меѓутоа е недостижна за нас бидејќи е многу скапа. Онаа опрема што ја користевме кај посериозните качувања беше позајмена“, вели мајката на Антониј, Јулијана Трајчевска, која исто така е планинарка.

Антониј вели дека искачувањата не му биле тешки, иако до врвот Љуботен стигнал во лоши временски услови со силен ветер, мраз и наноси од снег. Опасно било и кога слегувал од Мусала, па пресекувајќи четири ски патеки, подмрзнати, се слизнал. Немал цепин (слично на чеканче за правење дупки во мраз), па со штека за потпирање успеал да закочи и да помине неповреден.

„Доживеавме вистинска авантура при враќање од Солунска Глава. Иако во екипата имавме и многу искусни планинари, ја промашиме патеката и наместо за два саати да се спуштиме до Нежилово, четири саати талкавме длабоко и низ недопрена шума испресечена со траги и патеки само од животни. На крај слеговме уморни, изгребани, со набиеници на нозете, во темница. Го забораавивме едно од основните правила на планинарењето, а тоа е да се држиш до познати рути и патеки, а не да се обидуваш да истражуваш и запознаваш нови, затоа што во планината многу лесно се греши“, раскажува Антониј.

Дури и родендените ги слави на планинските врвови. 12-от роденден со искачување на Вихрен на Пирин, а 13-от роденден на Пелистер. Тој заедно со мајка му се членови на полицискиот спортски планинарски клуб „7 Мај“ од Битола. Деновите од работната недела се резервирани за школо, зашто Антониј е осмооделенец во училиштато „Стив Наумов“ во Битола, а викендите за планина. Додека повеќето негови врсници слободното време го минуваат надвиснати на компјутерите и мобилните телефони, немајќи физичка активност, тој постигна успеси на кои можат да му позавидат и возрасни планинари. Вели дека ако успее да се снабди со комплетна и професионална планинарска опрема, предизвик му се највисоките врвови во Европа.

Превземено од SDK.mk

Stani avtor

Последно од Блог

Оди најгоре